Самохраната мајка Споменка Цубалеска која поради теророт и бруталноста на извршителите посегна по својот живот, доби нов заклучок со листа на одземените предмети од нејзиниот дом по извршувањето за сума од 127.625 денари.
На листата на предмети е и мобилниот телефон за кој клечела и молела пред извршителката Весна Јакимовска од Гостивар, а кој, според Споменка, излегол повреден и од кожната гарнитура која исто така и е одземена и од уметничките слики.
– Добив заклучок од монструмот извршител Весна Јакимовска која ми го попиша имотот кој го одзема и ми го обезвредни со нејзиниот нов проценител. Ми го обезвредни имотот на 138.800 денари. Меѓутоа ова исклучиво се спроведува кон мене како солидарен должник, а се изоставува првиот должник Илија Цубаевски. Јакимовска ме остави дома без ништо за 127.625 денари и тоа го направи без извршен наслов, што правно значи дека во никој случај не може да извршува по тој основ за солидарен должник. Тоа го прави само Управата за јавни приходи – истакна Споменка Цубалеска за „А1он“.
Имотот кој и е одземен е проценет на 138.800 денари. Половниот мобилен телефон и е проценет на 11.000 денари, а кожната гарнитура на 11.500 денари. Споменка вели дека телефонот и бил одземен поради видеото во него, а тврди дека и нема и пет од вкупно 17 одземени слики, прстен и ѓердан кој и е подарок од татко и.
– Јавно да ја прашам Весна Јакимовска зошто е поважен мојот телефон од гарнитурата? Јас ќе ви кажам зошто, во него има едно видео кое ќе го доставам кога ќе се јави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски кој ми прати специјални единици за тероризам дома.
Ова е телефонот за кој клечев и молев на кој има снимка како стои со доверителот кој не смееше да биде кај мене дома – рече Цубалеска.
Споменка добила одговор од министерството за правда дека министерот за правда не бил надлежен за извршувањата и извршителите, а Народниот правобранител и рекол дека ќе постапи по нејзиниот случај и ќе ги заштити нејзините права.
Пред месец и пол Цубалеска се обиде да си го одземе животот ден по влегувањето на извршителката Јакимовска со силна полициска придружба во нејзиниот дом каде што и се одземени и основни предмети за живот, што е спротивно на законот за извршување.
Тогаш за „А1он“ ја раскажа тортурата и бруталното изживување од извршителката Јакимовска.