Сирискиот премиер Ваел ал Халки изјави денеска дека неговата земја, во случај да биде извршена воена интервенција врз неа од страна на меѓународната заедница, ќе стане „гробница за напаѓачите“.
– Сирија ќе ги изненади непријателите исто како што ги изненади и за време на израелско-арапската војна во октомври 1973 година, кога Сиријците и Египќаните ненадејно го нападнаа Израел. Таа ќе биде гробница за освојувачите, предупреди Ал Халки.
Тој, исто така, ги обвини западните земји дека „измислуваат“ изговори за воена интервенција против Сирија, како одговор на наводната употреба на хемиско оружје од страна на режимот на претседателот Башар ал Асад за време на минатонеделниот напад во близина на Дамаск.
– Западните земји, предводени од САД, измислуваат лажни сценарија и изговори за воено да интервенираат во Сирија, додаде премиерот Ал Халки.
Вашингтон и Лондон се при крај со изработката на планот за воен напад против сирискиот режим до крајот на неделава, пишуваат весниците „Гардијан“ и „Вашингтон пост“, цитирајќи ги зборовите на неименуван претставник на Белата куќа дека „најбрзо утре“ би можела да започне „временски ограничена интервенција“.
Кај САД и Британија повеќе нема сомнеж дека сирискиот режим минатата недела во предградие на Дамаск употребил хемиски гас од кој загинале неколку стотици луѓе.
Највисоките претставници на овие две земји порачаа дека за овој „злосторнички чин“ мора да одговора режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад и затоа се размислува за пропорционален одговор на хемискиот напад.