Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, повторно го изрази своето незадоволство и огорченост од неутралноста на Израел кон војната во неговата земја, но најави можна промена на ставот откако му било ветено снабдување со комуникациски системи.
Како што пренесе Бета, во синоќешното интервју за израелската истражувачка емисија „Увда“, Зеленски рече дека не може да го сфати ставот на Израел, ниту одбивањето да ја снабди Украина со системи за противвоздушна одбрана, иако тој постојано барал такво оружје од тројца израелски премиери во изминатите осум месеци, и, како што кажа, „ниту еден од нив не сакаше да разговара за тоа“.
Тој рече дека на почетокот на војната кон крајот на февруари, барал радио системи, а потоа и системи за одбрана „Железна купола“, а неодамна и дронови, бидејќи Русија почнала да користи самоубиствени беспилотни летала од иранско производство, со разорни последици.
Украинскиот лидер рече дека дури се обидел да го убеди Вашингтон да изврши притисок врз Израел, но не откри други детали.
– Не го разбирам Израел. Имав состаноци и многупати барав од секој од нив да ни помогне. Тоа не значи само да се дадат пари или војска. Тоа значи да се избере страна, рече Зеленски информирајќи за разговорите со израелските премиери.
Израел ѝ обезбеди хуманитарна помош на Украина, но не испрати воена помош, вклучително и системи за пресретнување на руски ракети и против напади со дронови.
Како причина неколку пати беше наведена „стратешката потреба на Израел да ја задржи слободата на операции во Сирија за да спречи концентрација на ирански сили на својата граница“. Израел соработува со руската војска, која во голема мера го контролира сирискиот воздушен простор.
Сепак, Израел изрази загриженост за воената соработка меѓу Русија и Иран, а премиерот Јаир Лапид неодамна рече дека тоа го става „целиот свет во ризик“.
Зеленски во интервјуто посочи дека употребата на ирански дронови во нападите врз Украина може да биде поттик за Израел.
– Се бориме против нова голема унија на Русија и Иран и сега се надевам дека Израел ќе ни помогне и остро ќе реагира на тоа, рече Зеленски и додаде дека судејќи според разузнавачките информации на Украина и другите земји, Русија се снабдила со 1.500 ирански дронови за напади.
Истовремено, тој предупреди на поголемата закана од Русија и Иран.
– Ние секојдневно се бориме против Иран, 400 напади со ирански дронови врз нашата земја, цивили, инфраструктура. Ние може да се здружиме против тоа зло во противвоздушната одбрана. Израелската воена инфраструктура и институциите исто така имаат дронови што може да ни помогнат во тој напад, во таа војна, појасни Зеленски и го спомна „позитивниот тренд“ во односите со Израел, откако двете земји споделиле разузнавачки информации за руската употреба на ирански дронови.
Алудирајќи на обидите на поранешниот израелски премиер Нафтали Бенет, да посредува меѓу завојуваните страни, Зеленски кажа дека на Украина не ѝ се потребни посредници, туку партнери, пријатели, а оти Русија сака да добие на време. Таа земја, според неговата проценка, го користела Бенет за оваа цел.
– Добивме хуманитарни донации, но, дали сте вие на страната на Русија или на страната на Украина? Со сета почит кон Израел, мора да одлучите, не можете да бидете посредници во оваа војна. Израел не може да биде меѓу земјите што стојат настрана и го гледаат новиот бран нацизам што се раѓа годинава, рече Зеленски за израелските новинари во Киев.
На инсистирање на новинарите, Зеленски потврди дека постапките на Израел се делумно последица на стравот од Русија и нејзиниот претседател.
Тој нагласи дека разбира оти Израел мора да мисли на неговите безбедност и интереси, но, според него, повеќе се работи за односот кон Путин и неговата политика.
Извор: МИА