Минатата недела, во пресрет на антикризните мерки на Владата, беше предложено и зголемување на партиципацијата при здравствени прегледи во јавните здравствени установи. Скандалозниот предлог е прифатен од Министерството за здравство и од таму изјавуваат дека „се испитува можноста за воведување и зголемување на партиципацијата во користењето на здравствените услуги”. Во меѓувреме, од Фондот за здравствено осигурување изјавуваат дека ова барање нема да го прифатат како готова работа и дека прво ќе анализираат дали ќе биде неопходно ова зголемување на трошоците за партиципација за здравствени услуги, велат од Алијанса на Албанците.
„Владините партии СДСМ-ДУИ во предизборната кампања во 2016 година ветија квалитетни здравствени услуги во јавните здравствени установи како и укинување на партиципацијата. Не само што не ги исполнија ветувањата, напротив, тие во 2019 год. ги зголемија цените на партиципацијата и цените на лековите.
Ние, Алијансата за Албанците, го креваме гласот на разумот против овој скандалозен и бесмислен предлог на Владата и Министерството за здравство во овој момент на енергетска криза што директно и индиректно влијае на и онака нискиот животен стандард на жителите во Северна Македонија. Со погрешна и избрзана одлука, без конкретни анализи од специјалисти од областа, би се загрозило јавното здравје на жителите, а особено на социјалните случаи.
Алијансата за Албанците ги предлага следните антикризни мерки во здравството – Владата да спроведе ригорозна контрола за корекција на цените на лековите и потрошниот материјал, да се реинтегрира Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза” во Скопје и да се реинтегрираат општите болници со здравствените домови во сите градови во државата“, велат од партијата.