САД утре ќе ја нападне Сирија?

Од:

Во пресрет на најавениот воздушен напад врз Сирија, американските власти споделија информација дека американското разузнавање со сигурност утврдило дека сирискиот режим е одговорен за нападот со хемиско оружје врз неколку предградија на Дамаск во кој беа убиени стотици цивили.

„Вашингтон пост“, повикувајќи се на извори во администрацијата на претседателот Барак Обама, објави дека доказите кои САД ги поседуваат ќе бидат објавени за јавноста.

Четврток е денот кога се очекува да почне и нападот врз Сирија, според претходни информации направени достапни за јавноста од администрацијата на Обама. Според весникот, Обама ја исклучил можноста дека бунтовниците кои повеќе од две години се борат против режимот на сирискиот диктатор Башар ал Асад, се виновни за хемискиот напад. Според информациите, само режимот поседува хемиско оружје и може да го употреби на начинот на кој беше употребено минатата недела. Извори во администрацијата информираат дека САД веќе имаат прецизни податоци за текот на настаните во пресрет на нападот.

Претходно, Белата куќа информираше дека разузнавачите на САД утврдиле зголемено ниво на активност во воена база во која Сирија чува хемиско оружје, пред да биде извршен нападот, кој е најголемиот во серијата напади со хемиско оружје на Асад врз бунтовниците. Иако САД една и пол година повикуваат на заминување на Асад од власт, Вашингтон инсистира дека тоа треба да се случи по политички пат, а целта на нападите кои се подготвуваат е само да се реагира по хемискиот напад. Таквото објаснување наиде на сериозни критики во јавноста.

– Важен дел од целата ситуација е дали ова ќе биде само одмазнички напад, кој нема да има траен ефект, или пак ќе биде нешто што ќе го смени односот на силите на теренот на Сирија. Воздушните напади мора да имаат траен ефект – изјави сенаторот Џон Мекејн, претседателскиот противкандидат на Обама во 2008 година, и поборник на идејата дека САД треба да ги вооружат групите спротиставени на Асад. Анкетите покажуваат дека евентуалната војна со Сирија е длабоко непопуларен потег во САД, особено за Обама, кој беше избран за претседател благодарение на неговото противење на војната во Ирак.

Џефри Вајт, поранешен воен разузнавачи аналитичар од Институтот за блискоисточни прашања во Вашингтон, оценува дека нападот врз Сирија ќе се состои од стотици томахок ракети, истрелани во еден бран, со можност за дополнителен втор бран. Цели би биле штабовите и магацините на револуционерната гарда на Сирија и 4-та дивизија, кои се сомничат за вмешаност во нападот во Дамаск. Ракетите би биле истрелани од четирите разурнувачи и двете подморници што САД ги имаат во близината, од авиони кои би полетале од Кипар или од носачот на авиони Хари Труман, евентуално употреба на стелт бомбардерите Б-2 кои дејствуваат од базата во САД, и беспилотни летала за собирање на информации и напади од помал обем.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Турција ги нападна Курдите во Ирак и Сирија во знак на одмазда за терористичкиот напад кај Анкара

Горан Наумовски

ВИДЕО: Израел погоди станбена област во Дамаск, меѓу загинатите има жени и деца

Катерина Ѓуровски

Иран го предупреди Израел: Ќе ви одговориме уште посилно, ставете не во искушение

Во израелски напад на Дамаск загина и познатa сириска новинарка

Израел го ликвидирал братот на Башар ал Асад ?

Израелска армија: Го убивме лидерот на Хамас во Сирија