Скоро еден месец, Бојан Јовановски-Боки 13 не добива редовна медицинска терапија, не го носат на прегледи во болница, а кон него се применува нечовечко постапување. Ова е ставот на адвокатот Владимир Туфегџиќ, адвокат на Боки 13 кој побара и прекин на издржувањето на казната поради лошата здравствена состојба во која се наоѓа осудениот. Од болницата Св.Наум Охридски посочиле дека болеста на Боки 13 е живото загрозувачка, а пак, обвинител од Обвинителството за гонење организиран криминал дал мислење тој да добие условен отпуст доколку има конзилијарно мислење. Сепак, Туфегџиќ посочува дека Кривичен суд не ја сфатил сериозноста на состојбата на Боки 13.
„На осуденото лице Бојан Јовановски од 29.09.2022 година до денес не му се дава задолжителната терапија ниту е однесен на задолжителен преглед еднаш во неделата во ЈЗУ Универзитетска клиника за хирушки болести Св.Наум Охридски. Од овие причини против домскиот лекар поднесовме поплака до директорот на ЈЗУ Здравствен дом и претставка до Министерот за здравство. Ние не бараме од судот милост и простување на казната туку времен прекин на издржувањето на казната како нужна потреба во овој момент заради санирање на здравствената состојба, поткрепено со медицинско мислење од лекари специјалисти во областа. Судот во овој случај пропушти шанса да донесе храбра и хумана одлука. Немилиот настан во кој е брутално нападнат и повреден Бојан Јовановски само ги потврдува стравувањата дека неговата здравствената состојба дополнително ќе биде усложнета бидејќи е повеќе од очигледно дека кон осуденото лице систематски се применува нечовечно и нехумано постапување“, посочива Туфегџиќ за „А1он“.
Постапката за прекин на идржување на затворската казна на Боки 13 е почната во време кога тој бил итно хоспитализиран и лекуван во болница. Туфегџиќ вели: „тоа беше така токму поради немањето на елементарни услови во затворската установа за негова здравствена грижа според природата на болеста.
„За текот на неговото болничко лекување надлежниот суд беше навремено известен. Во текот на оваа постапка надлежниот Јавен обвинител очигледно ја сфати сериозноста на здравствената состојба и даде позитивно мислење по поднесеното барање за прекин на издржување на казна затвор. Тој предложи да се уважи барањето но претходно да се потврдат медицинските наоди со тоа што ќе се прибави стручно медицинско конзилијарно мислење.Стручно медицинско конзилијарно мислење е прибавено и доставено до судот. Медицинскиот наод и мислење на лекари специјалисти во областа од ЈЗУ Универзитетска клиника за хирушки болести ‘Св.Наум Охридски’, беше дека болеста има живото загрозувачки карактер и дека е потребен строг хигиено диететски режим на исхрана како и примена на задолжителна медицинска нега и применета терапија во домашни услови со контрола еднаш во неделата. Во медицинскиот наод и мислење особено е нагласено дека болеста има живото загрозувачки карактер од причина што природата на болеста е таква што е извесно дека поради непридржувањето кон задолжителниот третман и лекување при наредната лекарска хирушка интервенција ќе мора да биде отстранет желудникот како витален орган и неизвесен би бил исходот по животот на пациентот. Ваквиот наод е потврден со мислење од стручен колегиум на хирушката клиника“, додава Туфегџиќ.
Кривичниот суд, покрај сите докази кои му биле доставени, верба поклонил на домскиот доктор, кој посочил дека хирурзите и стручните доктори од болницата давале хипотетички претпоставки.
„Домскиот доктор дава мислење дека КПУ Идризово ги има сите услови за непречен здравствен третман на осуденото лице. Судот при одлучувањето го немаше предвид извештајот на Комитетот за тортура од 2019 година по однос на лошите услови за здравствена заштита во затворите на што навремено укажавме. Судот поклони верба на доказ со помала доказна вредност од лекар од примарното здравство, при тоа не дава доволно образложение на клучниот услов кој е исполнет а тоа е стручно медицинско конзилијарно мислење“, посочува Туфегџиќ за „А1он“.
Бојан Јовановски-Боки 13 повеќе месеци е мета на тортура во „Идризово“. Тој најпрво беше префрлен во лоши затворски услови, каде дополнително му се влоши здравјето. Во последниот извештај на Народниот правобранител овие простории се опишани како деградирачки, затворениците спијат на под, меѓу бубашваби. Собите се со влага, а ѕидовите се распаѓаат. За тогашната состојба на Боки 13, Народниот правобранител кажа: „Условите се нехумани, под сите стандарди пропишани со домашното и меѓународното законодавство“ и додаде дека не смее да биде сместен во такви услови. Се бараше преместување, но не се доби. По ова, Боки 13 заврши во болница на лекување.
Вчера, тој беше и претепан. Има хематоми по телото и главата. Два дена се носи на болнички испитувања по крвавиот инцидент. На претепувањето не претходеле расправии, а Боки 13 и затворениците кои физички го нападнале, не се познавале од претходно и немале контакти.
„А1он“ детали побара и од затворската управа на „Идризово“ за тоа кои се причините за нападот, но и кои се напаѓачите. Цел ден, оттаму нема одговор.