Бугарскиот Парламент ќе продолжи со работа претпладнево, по вчерашните две неуспешни процедури за избор на претседател. Медиумите во таа држава јавуваат дека тоа досега е невидена криза при избор на прв човек на националното собрание.
Од политичката партија „Продолжуваме со промените“ соопштија дека како конструктивна опозиција го повлекуваат својот кандидат Никола Минчев и нема да го стават на гласање.
Претходно „Демократска Бугарија“ предложи ротација меѓу двајцата кандидати кои собраа најмногу гласови – Росен Жељазков од ГЕРБ-СДС и Никола Минчев од ПП, јави БТА.
Во изјавата по состанокот на Извршниот комитет, лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, најави дека го поддржуваат предлогот на ДБ Собранието да се води врз ротациона основа.
Според ПП, предлогот за ротирачко претседателство на Народното собрание би бил неефикасен.
Партијата на Кирил Петков и Асен Василев доцна синоќа соопштија дека ја повлекуваат номинацијата на Минчев за да не ја доведе државата во уставна криза и да останат во опозиција.
Пратениците вчера по осум часа долги расправи не успеаја да постигнат консензус и да изберат спикер. За функцијата беа предложени петмина пратеници – Росен Желјазков од ГЕРБ-СДС, Никола Минчев од „Продлужваме со промените“, Јордан Цонев од ДПС, кој беше именуван во текот на втората постапка за избор, Кристијан Вигенин од „БСП за Бугарија“ и Петар Петров од „Преродба“.
Пред седницата на бугарскиот Парламент денеска се очекува повторно да се сретнат претседателите на пратеничките групи. Правниците и уставни експерти за БТА велат дека без избор на претседател, Националното собрание не може да се конституира и да продолжи со својата работа.
Според бугарски медиуми, најмалку 275 илјади лева го чини државниот буџет првиот работен ден на Парламентот во кој пратениците не завршија работа. Досега во таа држава немало случај Парламентот да не избере претседател на првата седница, така како што се бара со Уставот.
Извор: МИА