Трас: Јас сум борец кој не се откажува

Од:

Британската премиерка Лиз Трас изјави дека е „борец кој не се откажува“ додека се обидува повторно да воспостави авторитет над Конзервативната партија во услови на се почести медиумски извештаи дека се интензивираат повиците за нејзина смена.

Трас се обидува да собере поддршка во партијата, откако беше принудена да се откаже од планот за намалување на даноците, поради што некои конзервативни пратеници побараа нејзина смена од лидерската функција само неколку недели по преземањето на премиерската функција.

Таа призна дека нејзините радикални економски планови отишле „премногу далеку и пребрзо“ откако инвеститорите им свртеле грб на фунтата и државните обврзници.

Но, бидејќи каматните стапки растат и официјалните бројки покажуваат дека инфлацијата е највисока во последните 40 години, Трас – избрана од конзервативните пратеници со ветување дека ќе ги намали даноците и ќе ја одржи јавната потрошувачка – се соочува со битка да ја убеди јавноста и нејзината партија дека може да одговори на кризата со трошоците за живот.

Анкетите покажуваат дека конзервативците заостануваат околу 30 поени зад главната опозициска Лабуристичка партија, а нејзиниот рејтинг е катастрофален.

– Јас бев многу јасна дека се извинувам и оти направив грешка, им рече Трас на опозициските пратеници додека одговараше на прашања во парламентот. „Јас сум некој кој е подготвен да се соочи со тоа. Подготвена сум да донесам тешки одлуки“, додаде Трас.

Шпекулациите за иднината на премиерката продолжуваат да растат, а медиумите пишуваат дека бунтовните конзервативци одмеруваат кој треба да ја замени а не дали треба да замине.

Додека беше испрашувана за нејзините пресврти во економската политика, конзервативните пратеници изгледаа забележливо непријатно, коментираат медиумите.

Трас, исто така, се соочи со потсмев од лидерот на лабуристите Кир Стармер, кој коментираше дека се пишува нова книга за нејзиниот мандат која треба да излезе до Божиќ.

– Дали е тоа датумот на излегување или насловот? праша тој и подоцна рече дека таа му поставувала прашања за политиката на лабуристите бидејќи „ние сме влада во чекање“.

Трас и нејзиниот нов министер за финансии Џереми Хант очајнички се обидуваат да ги балансираат финансиите откако нејзината сега веќе укината економска програма ја разниша довербата на инвеститорите.

Тие, исто така, се обидуваат да избегнат отуѓување на конзервативните пратеници или губење на понатамошната јавна поддршка.

Таа во Парламентот рече дека е посветена на зголемување на државните пензии во согласност со инфлацијата, откако министрите со денови одбиваа да гарантираат дека ќе се случи тоа, што предизвика широки критики. Но, таа одби да го даде истото уверување за социјална помош и странска помош.

Таа, исто така, се обиде да го заобиколи конзервативното противење на фракингот со ветување дека подоцна ќе даде детали за тоа како локалните заедници ќе можат да дадат согласност за какви било идни проекти.

Објавата ќе се совпадне со гласањето на лабуристите за тоа дали треба да има целосна забрана за фракинг, откако владата минатиот месец го укина мораториумот во Англија што беше во сила од 2019 година.

Конзервативните политичари, одговорни за спроведување на партиската дисциплина меѓу пратениците, испратија порака дека гласањето ќе се третира како „глас за доверба на владата“.

Коментаторите велат дека победата во ова гласање може да им овозможи на неа и на нејзините поддржувачи да кажат дека партијата има доверба во нејзиното раководство.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Кремљ: Ударот со хиперсонични ракети е предупредување за Западот

Елизабет Трас: Ни треба британски Трамп

А1он

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ

Британскиот министер за одбрана: Очекуваме САД да ја поддржат Украина се додека е потребно

Високи британски функционери подготвија детален план во случај на смрт на познатиот мачор Лери од Даунинг Стрит

A1on

(ВИДЕО) Гори историската зграда Сомерсет во центарот на Лондон, пожарот го гаснат стотина пожарникари

A1on