Експресивните фотографии на Александар Томовски ни ги откриваат балерините зад кулисите

Од:

На првата самостојна изложба на Александар Томовски која вчеравечер беше отворена во МКЦ беа изложени дела што прикажуваат балерини, но во една поинаква средина – зад кулисите.

Се чини дека Томовски во своите црно-бели фотографии успева да го долови светот каде што место во вообичаената сценска поставка ги гледаме балерините без аудиториумот од кој некогаш сме дел и самите.

Прикажувајќи ги сами со себе авторот го доловува сиот напор што го вложуваат, некогаш на граница на возможното за човековото тело. Експресивноста на положбата на телото ни го заковува погледот долго време.

На некои фотографии тие се, пак, релаксирани, како дел од некоја претстава што се одвива само за тие што имаат чест да ја посведочат зад сцената. Томовски „фатил“ навистина несекојдневни кадри, а сепак успеал да ја задржи естетската совршеност.

„Сум фотографирал инсекти, ѕвезди, природа, портрети, улици, настани… Но балетската фотографија за мене носи најголеми предизвици, ама затоа и најмногу наградува. Приказната започна пред неколку години во холот на МОБ, иако длабоко во себе верувам дека започнала многу порано, но ги чекала своите време и простор за да се реализира. Беше дел од работилница со трите балерини Мила, Христина и Медина, кои, преморени од подготивките за „Лебедово езеро“, го прифатија предизвикот. Мило ми е дека освен фотографиите создадовме многу повеќе – енергија и пријателство што траат до ден денес. Од тогаш до денес немам пропуштено балет, бев маѓепсан од убавината и нивната чудесна игра на сцената, но и заинтригиран да ѕирнам што се случува и кои приказни се кријат зад кулисите“, го објаснува Томовски проектот.

Изложбата во МКЦ ќе биде отворена до 23. 10. 2022 година.


.

Би можело да ве интересира

Изложба на фотографии „Вечни тела“ на Жарко Стојчевски и Искра Шукарова

Во галерија „КО-РА “- мал салон отворена самостојна изложба на рачно изработен накит од Соња Драгољуб Гиздавиќ

А1он

Самостојната изложба на рачно изработен накит на Соња Драгољуб Гиздавиќ

Предраг Петровиќ

Во Албанија изложба на тетовски средношколци – „Едно парче уметност“ од Тетово во Тирана!

А1он

Изложбата на дигитални колажи „Барокна подморница“ од Влада Урошевиќ и Марко Трпески

“Ескапизам: Меморијата и идентитетот” самостојна изложба на младата уметница Мила Добревска