Поротата во САД денеска го осуди Николас Круз, масовниот убиец од Флорида, на доживотен затвор без можност за условно ослободување, наместо на смртна казна. Семејствата на жртвите изразија разочарување од ваквата судска одлука.
Во февруари 2018 година, Круз влезе во средното училиште Марџори Стоунман Даглас во Паркленд, Флорида, застрела ученици и наставници и уби 17 луѓе. По апсењето, тој на инспекторите им рекол дека слушнал гласови во неговата глава кои го упатуваат како да го изврши нападот.
Круз ги опиша гласовите како „демонски“, а неговите адвокати рекоа дека страда од аутизам и депресија. Убиецот имал репутација на проблематичен ученик, поради што бил исфрлен од училиште.
Линда Шулман, мајката на жртвата од пукањето, рече дека поротата требало да му досуди смртна казна на Круз.
„Зошто тогаш воопшто имаме смртна казна? Мојот син беше убиен заедно со уште 16 луѓе, а ова животно ќе добие доживотен затвор без помилување. Се надевам дека чувствува страв секоја секунда, исто како што направи со нашите најблиски што ги уби“, изјави Шулман.
„Запрепастен сум. 17 жртви денеска не ја добија правдата. Ќерка ми беше застрелана додека трчаше низ ходникот. Кои се неговите олеснителни околности? Оваа порота денеска ги пропушти нашите семејства“, рече таткото на жртвата.
„Но, монструмот ќе оди во затвор. Се надевам дека другите затвореници ќе му ја покажат истата милост како што ја покажа на мојата ќерка и на 16 други. Тој ќе оди во затвор и ќе умре во затвор, а јас ќе чекам“, додаде тој.