Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска се сретна со неговиот руски колега Владимир Путин во Астана, на маргините на регионалниот состанок, каде што ги бранеше економските врски на неговата земја со Москва и вети дека ќе продолжи со извоз на украински житарки.
„Русија и Турција сигурно ќе им пречат на некои и развиените земји ќе бидат помалку среќни“, рече Ердоган пред двајцата лидери да заминат за да го продолжат со разговорот.
На средбата со Ердоган, Путин предложил создавање гасен центар во Турција за испорака на руски гас во Европа. Тој рече дека рутата низ Турција се покажала како најсигурен начин за испорака на гас до Европската унија во време кога руските испораки во ЕУ биле погодени од санкции и протекување на гасоводите Северен поток еден и два.
„Би можеле да ја разгледаме можноста за создавање гасен центар на турска територија за испорака до други земји, особено во Европа“, рече Путин на средбата со Ердоган.
Путин вчера изјави дека количествата гас што не може да се транспортира преку Северен поток може да се пренасочат кон подрачјето на Црното Море, со што Турција ќе стане најголемиот центар за снабдување со гас за Европа.
Пред денешната средба, турскиот претседател изјави дека неговата земја има намера да продолжи со напорите за да помогне во постигнувањето мир меѓу Русија и Украина и покрај борбите.
„Нашата цел е да ставиме крај на крвопролевањето што е можно поскоро“, рече Ердоган во говорот на самитот на Конференцијата за интеракција и мерки за градење доверба во Азија.