Лидерот на опозициската Алијанса за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, вели дека премиерот Албин Курти е „најобичен измамник“, кој сака да ја држи државата со милостина, јави дописникот на МИА од Приштина.
Коментирајќи ја денешната владина одлука за еднократна помош од 100 евра за пензионерите, Харадинај на својата страница на Фејсбук напиша дека Курти се обидува “со делење милостина да ги одржи ‘во живот’ пензионерите“.
– Животот во Косово станува неподнослив, како последица на неконтролираниот пораст на цените, а премиерот во стилот на најобичен измамник, се обидува со делење милостина да ги одржи „во живот“ пензионерите кои со тоа што го примаат не можат ниту лековите да ги обезбедат. Државата не се држи со „милостина“, еднаш 50, другпат 100 евра, напиша Харадинај.
Опозицискиот лидер, кој е и поранешен премиер на Косово, вели дека решението е во зголемување на платите и пензиите, а на Курти му порача, „доколку не знае“, да земе пример од околните држави.
– Решението е во постојани мерки. Зголеми ги платите и пензиите и не ја претворај државата во „социјален циркуз“. Пензионерите имаат потреба од достоинство, не од милостина. Доколку не знаеш, земи пример од околните земји, напиша Харадинај.
Извор: МИА