Украинските власти објавија дека најмалку 180 тела, вклучително и цели семејства, се пронајдени во масовна гробница во ослободениот град Лиман. Украинските војници успеале да го ослободат градот кој претходно бил окупиран од Русите, а набрзо била откриена и масовна гробница, пренесува „Њузвик“.
„Во ослободениот Лиман е пронајдена масовна гробница со 180 тела. Во неа лежат цели семејства, пронајдени се и тела на деца родени меѓу 2019 и 2021 година“, напиша на Телеграм Јевхен Жуков, шеф на патролниот оддел на украинската државна полиција.
Стратешки важниот град Лиман во источен Доњецк беше ослободен само два дена откако Владимир Путин анектираше четири украински региони, вклучувајќи го и овој. Властите во моментов се обидуваат да го утврдат точниот број на телата и причината за нивната смрт. Според украинските власти, во слични гробници во Харков биле пронајдени повеќе од 500 тела, додека во градот Исиум биле пронајдени 22 локации кои руската армија ги користела за тортура, додава „Њузвик“.
Според проценките на Обединетите нации, од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари, речиси 6.000 цивили се убиени, а многу од нив се закопани во масовни гробници. Експертите велат дека идентификувањето на сите тела може да потрае со години.