Сирискиот претседател Башар ал Асад демантира дека силите на неговиот режим извршиле напад со хемиско оружје во предградие на Дамаск, како што тврдат бунтовиците и некои западни земји, јави ИТАР-ТАСС.
– Овие обвиненија се исклучиво политички, а причината за нив се серијата победи кои владините сили ги извојуваа во борбата против терористите, изјави Асад во интервју за рускиот весник „Известија“.
Сирискиот претседател ги означи тврдењатата на САД и на други западни земји, дека неговиот режим употребил хемиско оружје, како навреда на здравиот човечки разум.
– Тоа е бесмислица, најпрво да се упатат обвиненија, а дури потоа да се собираат докази. И со тоа се занимава најсилната земја во светот – САД, нагласи Асад.
Сирискиот претседател истакна дека во регионот на наводниот хемиски напад нема јасно дефинирана линија, која ги одвојува бунтовниците и владините сили.
– И како може државата да употребува хемиско или друг вид на оружје за масовно уништување на место, каде е концентрирана нејзината армија. Тоа е во спротивност со елементарната логика, додаде тој.
Сирискиот претсетадел инсистира наводните воени злосторства во земјата да бидат истражени од инспекторите на ОН.
– Очекуваме дека Русија нема да дозволи резултатите од истрагата да бидат искористени за интересите на политиката на САД и воопшто на Западот, истакна Асад.
Сирискиот претседател предупреди дека терористите во земјата, кои режимот ги нарекува бунтовници, претставуваат закана за стабилноста на целиот регион на Блискиот Исток.
– Главна причина за продолжување на воените дејствија е големиот број на терористи, кои постојано доаѓаат во Сирија од странство, рече Асад.
Сирискиот претседател го предупреди Западот дека доколку одлучи да преземе воена интервенција во Сирија, таа ќе биде осудена на пропаст.
– Доколку некој одлучи да ја претвори Сирија во марионета на Западот, тоа нема да му успее, додаде тој.