Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во Струга присуствуваше на настан посветен на почнувањето со реализација на регионалната програма за миграции – хуманитарен аспект на мешани миграциски текови, во организација на Црвениот крст на Македонија, поддржана и финансирана од страна на швајцарскиот Црвен крст, Швајцарската агенција за развој и Меѓународната федерација на Црвниот крст и Црвена полумесечина.
На настанот присуствуваа и претставници од Македонско здружение на млади правници, Министерството за труд и социјална политика, Канцеларијата на УНХЦР во Скопје, Меѓународната организација за миграции, Центарот за управување со кризи, како и универзитетски професори. Министерот Спасовски му се заблагодари на Црвениот крст на Република Северна Македонија за поканата да биде говорник на денешниов настан на тема која, како што рече тој, по својата специфичност, по сложеноста, но и според потребата за еден мултиинституционален и не само државен туку и меѓународен пристап, објективно заслужува да биде предмет на постојан заеднички ангажман.
„Како што, впрочем, беше миграциската криза од 2015/2016 година кога низ територијата само на нашата држава како дел од т.н. балканска миграциска рута кон крајната цел – западноевропските земји – минаа помеѓу 800.000 до 1 милион мигранти од Блискиот и Средниот Исток и од Северна Африка“, истакна министерот Спасовски потенцирајќи дека поради првичната глобална неподготвеност да се проценат реалните димензии на кризата, во прв план беа ставени хуманитарните прашања.
„Она што многу бргу се сфати е дека е потребен систем, мултилатерален, и по содржина и по функција, кој може да превенира, администрира, документира и, секако, – да згрижи“, заклучи министерот Спасовски, при што рече дека Македонија во изминатите неколку години, во соработка со земјите од регионот, со Европската Унија, со низа релевантни меѓународни асоцијации и организации специјализирани за проблематиката со миграциите, активно учествуваше и се етаблира како важна алка во креирањето и градењето нови нормативни, системски и други мултилатерални решенија во насока на подготвеност при евентуални слични мигрантски кризи.
„И во сите тие идеи и концепти важно место имаат институциите со веќе етаблиран кредибилитет во кризно-хуманитарната сфера, како што е впрочем и Црвениот крст, кој по природата на своето постоење и ангажман секогаш е на самиот врв на кризното менаџирање. Оттаму, дозволете ми да ја изнесам својата лична констатација – дека натамошната активност на Црвениот крст и во делот на миграциите, во конкретниот случај реализацијата на програмата за миграции, „Хуманитарен аспект на мешани миграциски токови“, не само што е потребен туку и неопходен“, рече Спасовски.
Истакна дека Министерството за внатрешни работи е целосно отворено за соработка во натамошното развивање на капацитетите на Црвениот крст, да помогне со практични искуства и стручни согледување, а во интерес на остварување на благородните мисии на Црвениот крст. „Во конкретниот случај тоа е справувањето со хуманитарните последици на миграциите за зачувување на човечкото достоинство и човечкиот живот, како што тоа го налага меѓународното право, односно Женевските конвенции“.