Обединетите нации соопштија дека тим од експерти за хемиско оружје денес ќе го посети местото на нападот во предградието на Дамаск , каде што наводно сириските сили употребиле хемиско оружје и со тоа официјално ќе започне истрагата на светската организација.
Во соопштението на кабинетот на Генералниот секретар Бан Ки Мун, е наведено дека сириските власти ветиле дека ќе го почитуваат прекинот на огнот во источните предградија на Дамаск, додека екипите на ОН ги изведуваат активностите за утврдување на состојбата, пренесе „Ројтерс“.
Сирија вчера им одобри на инспекторите на ОН, да го посетат местото на инцидентот и да започнат со истрага.
Сирискиот министер за надворешни работи Валид Муалем, се сретна со високата претставничка на ОН, Ангела Кејн на која и пренесе дека Сирија е подготвена да соработува со тимот, со цел да ги разоткријата лажните наводи со кои се обвинува сириската влада.
Американскиот секретар за одбрана Чак Хејгел претходно изјави дека Пентагон е подготвен да спроведе воена операција во Сирија, доколку така одлучи претседателот Барак Обама.
Елена Георгиевска