Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес го потпиша Договорот со Рамиз Реџепи, директор на Бирото за регионален развој, преку кое Министерството за локална самоуправа ѝ додели на Општина Кисела Вода средства во висина од 2.294.571,00 денари за санирање на Домот на културата „Билјана Беличанец“.
Со финансиско партнерство меѓу локалната самоуправа и оваа институција, ќе се извршат градежни зафати за санирање на штетите настанати поради неодржување на објектот, кои го направија речиси сосема нефункционален. Градежните работи ќе можат да започнат по тендерската постапка, чие распишување е следен чекор на Општина Кисела Вода.
Во овој објект беше сместено некогашното кино во Кисела Вода. По темелната обнова во 2015 година, беше пренаменет во Дом на култура, кој потоа го доби името “Билјана Беличанец”. Сепак, поради одредени судски спорови, во владение на Општината беше предаден дури шест години подоцна, а во меѓувреме, поради несовесното управување на претходните општински власти, ова место поради штетите не можеше да се користи за она коешто беше предвидено, да биде центар на културата на локално ниво.
Со санацијата на Домот на култура “Билјана Беличанец” културните манифестации ќе бидат достапни не само за жителите на Кисела Вода, туку и на општините Зелениково, Сопиште и Студеничани и Аеродром кои немаат кино и дом на култура, па целиот проект има и поширока, регионална димензија. Дополнително, до овој објект е лоциран паркот Македонија, а во непосредна близина ќе се гради и затворен пазар кој освен што ќе им овозможи на граѓаните квалитетни услови за набавка на овошје и зеленчук, ќе има и модерна надворешност, па освен што се подобрува функционалноста, се подигнува и естетиката на овој дел од градот.