„Во услови на изразени инфлациски притисоци централните банки мора да останат фокусирани на својата примарна цел, а тоа е среднорочната ценовна стабилност, што без никакво сомневање бара нормализирање на монетарната политика. Секако, при нормализирањето на монетарната политика централните банки водат сметка за ефектите врз економскиот раст и стабилноста на финансискиот систем“, беше посочено од гувернерката на Народната банка на Република Северна Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска, која присуствуваше на Самитот на министри за финансии, гувернери на централни банки и директори на даночни управи, насловен „Финансиска и монетарна стабилност на регионот во услови на изразени геополитички ризици“, кој се одржа во Црна Гора.
Во текот на Самитот гувернерката Ангеловска-Бежоска зема активно учество во дискусиите на панелот на тема „Монетарната политика во инфлациско опкружување“, на кој говореа и гувернерите на Црна Гора, Србија, Словенија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово и вицегувернерот од Хрватска. Учесниците на панелот го потенцираа значајното забрзување на инфлацијата во сите земји во регионот, која во просек достигна 13,5%, како и притисоците од енергетскиот шок врз девизните пазари што резултираше со потреба од затегнување на монетарните политики во регионот. Ова особено доаѓа до израз во услови кога ФЕД и ЕЦБ, кои во значајна мера ги дефинираат глобалните финансиски пазари, веќе во неколку наврати ги зголемија каматните стапки, а ФЕД веќе и ја намалува ликвидноста од пазарите. Со ова се намалува и просторот за маневар на останатите централни банки.
„Доколку централните банки во регионот не преземаат мерки кои ќе го следат циклусот на ФЕД и ЕЦБ, тогаш може да се соочат со ризици за капитални одливи или помали капитални приливи, а со тоа и зголемени притисоци на девизниот пазар“, истакна гувернерката.
Сите учесници на панелот се согласија дека одржување на стабилноста на девизниот курс е од исклучително значење за стабилизирање на инфлацијата.
Самитот на едно место ги собра клучните креатори на фискалната и монетарната политика, претставниците од меѓународни финансиски институции и водечките луѓе од најголемите банки, компании и осигурителни компании од целиот регион, кои годинава разменија мислења за неопходната соработка на монетарната и фискалната политика во справување со предизвиците и преземањето мерки за ублажување на негативните последици од економската криза.