Портпаролите Хоџа и Арсовски за 83-та седница на Владата: Септемвриските пензии зголемени за 6,8 проценти

Од:

Портпаролите на Владата Муамет Хоџа и Душко Арсовски на денешната редовна прес-конференција информираа подетално за заклучоците и одлуките донесени на вчерашната 83-та седница на Владата на Република Северна Македонија.

Меѓудругото, на седницата е усвоена редовната Информација за исплата на пензии за тековниот месец.

Задолжен е Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија да ги достави податоците за пензиите до деловните банки најдоцна до 28.09.2022 година.

Се препорачува на деловните банки да обезбедат пензионерите да може да располагаат со септемвриските пензии преку мрежата на банкомати и во трговската мрежа од 29.09.2022 година.

Подигнувањето на пензиите преку филијалите и експозитурите на банките за пензионерите кои не користат картички, ќе се реализира во четири групи, според висината на пензиите исто како и до сега.

Со септемвриската пензија околу 330 илјади пензионери во државата ќе добијат повисоки пензии за 6.8%, согласно новата методологија воведена со последните измени во Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кои стапија на сила во март оваа година.

Новата Методологија предвидува усогласување на пензиите со комбиниран модел од 50% пораст на просечната плата на сите вработени во државата и 50% пораст на трошоци на живот, согласно официјалните податоци на Државниот завод за статистика.

Усогласувањето ќе се врши два пати во годината, односно во март и септември, што значи ќе ги следи промените во двата индекси за усогласување.

Одговарајќи на прашања од медиумите, по однос на барањата на некои општини да се продолжи зимскиот распуст на учениците заради штедење на струја и огрев, како и да се субвенционираат трошоците за огрев од Владата, беше речено дека Владата не разговарала за ова на последната седница.

Притоа беше повторено дека Владата останува посветена во насока на надминување на предизвиците условени од енергетската криза и е во постојана комуникација со сите засегнати страни.

„Сакаме да информираме дека нема промена во начинот на реализација на наставата со физичко присуство во основните и средните училишта. Затоплувањето на училиштата е во надлежност на локалните самоуправи кои се должни да си ги обезбедат потребните суровини за огрев за што Министерството за образование и наука им префрла блок дотации. Важно е да се каже дека тие се одговорни и секако, во интерес на учениците е наставата да се одвива со физичко присуство“, беше истакнато на денешната редовна прес-конференција, по вчерашното одржување на 83-та седница на Владата.

Би можело да ве интересира

Азизи: Владата вонредно заседаваше, донесена одлука да се позајмат на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

Град Скопје: Ја поздравуваме одлуката на Владата

Нафта од државните резерви за Градот Скопје за решавање на проблемот со автобусите

Вонредна седница на Владата за проблемот со јавниот превоз во Скопје

Левица: Трошокот за унгарски кредит Владата го префрла врз грбот на гараѓаните

Катерина Ѓуровски

Меџити: Нема логика за предвремени избори кога има стабилна влада