Демократскиот сојуз ја повикува Владата да го отфрли предлогот за менување на балансерот за вработување на нерезидентното население во јавната администрација според резултатите од пописот и зголемување на процентот на Албанците на 29,5 отсто.
– Ова решение значи дека секој трет вработен во државната администрација во иднина треба да биде Албанец, што не одговара на процентот на Албанците кои живеат во Македонија (24,3 отсто) и битно ќе ја наруши етничката слика во државната администрација на штета на другите заедници. Изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи според која иселениците со своите девизни дознаки придонесуваат за финансиската стабилност на државата не е никаков аргумент што треба да се прифати за менување на балансерот. Иселениците Албанци, но и Македонците и припадниците на другите етнички заедници кои живеат подолго од една година во странство, таму плаќаат даноци, таму работат и не можат во исто време да работат во две држави, без оглед што ги помагаат финансиски своите семејства велат од партијата.
Демократскиот сојуз потсетува дека пребројувањето на иселениците во странство на последниот попис како дел од вкупното население на Македонија, не само што не ги почитуваше европските и светските статистички стандарди, според кои се пребројува само резидентно население, туку и не ја прикажа вистинската слика на бројот на иселеници Македонци, кои поради повикот на некои политички партии го бојкотираа пописот.
Токму затоа менувањето на процентот на Албанците на 29,5 отсто во балансерот е вештачко зголемување. Наместо менување на процентот на Албанците во балансерот за вработување во државната администрација, Демократскиот сојуз ја повикува Владата да го укине овој инструмент кој досега се покажа манипулативен и неправеден. Етничкиот балансер ги дискриминира способните и квалификуваните кандидати за работа во државната администрација за сметка на нивната етничка припадност. На јавноста и се познати десетици примери на изигрување на балансерот, односно изјаснување на Македонците како Албанци, Турци, Власи, Срби и различни други комбинации, само заради вработување во државната администрација. Мерит системот и квалитетот на кандидатите, а не нивната етничка или партиска припадност, треба да биде единствениот критериум за вработување во јавниот сектор се вели во соопштението од Демократски сојуз.
Демократскиот сојуз ја повикува Владата да почне сериозна реформа на државната администрација и намалување од 30 отсто на бројот на прекумерно вработените по партиска или етничка линија.