Под мотото „Се враќаме на победа: Независност!“ вчера десетици илјади Каталонци протестираа на улиците на Барселона барајќи независност од Шпанија.
Има различни информации за бројот на демонстранти. Според организаторот на протестот сепаратистичкото движење на граѓани АНЦ вчера протестирале околу 400.000 луѓе, додека според полицијата – 108.000 лица. Пред пандемијата на вакви протести учествувале по повеќе од еден милион луѓе.
Можно е помал број луѓе да се појавиле поради спорови во сепаратистичкото движење. Левичарската партија ЕРЦ на регионалниот претседател Пере Арагонес, е подготвена да преговара со Мадрид, додека партијата Јунтс, која инсистира на отцепување, се во конфликт. Двете партии се дел од владејачката коалиција.
Регионалниот шеф на Владата за прв пат по долго време не учествуваше на митингот за независност.
Во краток говор, Арагонес повторно повика на референдум за независност.
Но, Владата во Мадрид тоа го отфрла, истакнувајќи оти тоа не е предвидено во Уставот. Населението на Каталонија е поделено. Според анкетите околу 50 отсто од населението сака независност, додека другата половина не.
Извор: МИА