Утре во 19 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ започнува шестото издание на мултимедијалниот фестивал ArtArea/Артерија.
ArtArea/Артерија е мултимедијален фестивал што ја поттикнува и промовира современата парадигма на интегративно и интерактивно културно дејствување. Фестивалот ја пресретнува јасната општествена потреба за формирање и одржување зони на пресек на различните културно-уметнички полиња.
Според своите план и програма, фестивалот претставува тридневен комплекс од јавни културни настани, обединети околу културната интермедијалност, односно поврзувањето на различните уметнички јазици, медиуми и практики: книжевност, музика, изведбени уметности (театар, перформанс), визуелни уметности (фотографија, филм, илустрација, цртеж, плакат, анимација), ракотворство итн.
И оваа година, во три фестивалски денови од 9 до 11 септември во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се вкрстат различни креативни медиуми.
Посетителите ќе имаат можност да видат изложба на фотографии, неколку книжевни промоции, дискусии, театарски перформанс, концерт, музика и дружење…
Фестивалската програма ја осмислува и остварува редакцијата на издавачката куќа Бегемот, заедно со повеќе редовни и проектни соработници (поединци и организации), активни во различни области на културата. Фестивалот се одржува со поддршка од Министерството за култура и кафе-книжарницата „Буква“, каде што и се одвива целата фестивалска програма.