На одлуката на албанската влада да ги прекине дипломатските односи со Иран по кибер нападите во Албанија реагираше иранската влада.
Владата на Иран реагираше преку министерот за надворешни работи Насер Канани, кој тврди дека обвинувањата на Албанија се неосновани.
Според него „одлуката за прекин на дипломатските односи е „врз основа на неосновани тврдења, непромислена и кратковидна акција во меѓународните односи“.
-Како една од земјите што беше цел на кибернапади врз нејзината критична инфраструктура, Исламската Република Иран се спротивставува и ја осудува секоја употреба на кибер-просторот како средство за напад на инфраструктурата на други земји, изјавил иранскиот министер.
Според албанските медиуми тој додал дека „трети земји кои го поддржуваат тероризмот одиграле клучна улога во погрешната одлука на Албанија, мислејќи на Израел и Соединетите Американски Држави“.
Канани понатаму подвлекол дека непосредните изјави на режимот на САД и Израел по објавата на Албанија укажуваат на нов заговор и кампања против Иран.
Во изјавата уште се споменува сместувањето во Албанија на групата МЕК и „изразува жалење што Тирана била под влијание од трети страни при донесувањето на нејзините несоодветни одлуки“.
Вчера албанскиот премиер Еди Рама соопштувајќи ја одлуката на владата во Тирана за прекин на дипломатските односи со Иран, поради кибернападите врз владините сајтови, на 15 јули, рече дека амбасадата на оваа земја треба да ја напушти земјата во рок од 24 часа.
Топ чанел пренесе дека синоќа имало раздвиженост во амбасадата, излегувале и влегувале возила чија дестинација била непозната.
Извор: МИА