Франција и Германија се договорија меѓусебно да си помагаат во справувањето со енергетската криза што произлегува од војната во Украина, изјави денеска францускиот претседател Емануел Макрон.
Франција ќе биде подготвена да и обезбеди гас на Германија, додека Германија се согласи да испрати струја во Франција доколку е потребно, изјави Макрон на прес-конференција по телефонскиот разговор со германскиот канцелар Олаф Шолц.
– На Германија и треба нашиот гас, а нам ни треба струја од остатокот од Европа, особено од Германија – рече Макрон.
Тој додаде дека Франција сака да ги развие сите енергетски интерконекции кои имаат смисла, но дека не гледа потреба од изградба на дополнителни гасоводни капацитети меѓу Шпанија и Франција.
Макрон рече дека во последните недели постојниот капацитет на гасоводот Шпанија-Франција работи со само половина од неговиот капацитет и дека гасот најмногу се насочува кон Шпанија.