Државните институции од денес имаат задолженија за намалување на потрошувачката на електрична енергија, а мерки за штедење ќе преземе и Регулаторната комисија за енергетика.
Претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски на денешната прес-конференција рече дека регулаторното тело веќе почнало да штеди, а тој ги сфатил мерките најсериозно и не користел лифт кога дошол на работа.
– Како што гледате, јас денеска дојдов по скали на работа. Имам проблеми со тежината и планирам да ја намалам. Осветлувањето е ограничено, немаме пуштено ладење и сите мерки кои се за штедење ќе ги превземеме. Целата јавност треба посериозно да се однесува кон мерките за штедење бидејќи во услови на цени од 700-800 евра за мегават-час на слободен пазар – рече Бислимовски кој како прв човек на РКЕ ќе треба да ја намали сметката за септември за 15% во однос на сметката од лани за истиот период.
Првиот човек на РКЕ зборуваше и за новиот начин на пресметка на фактурите од ЕВН Хоум кој ги збуни граѓаните кои мислат дека се работи за нова давачка.
– Нашите одлуки ги усогласивме со европската пракса и сега граѓаните добиваат сметка со посебни ставки за користење на преносната и дистрибутивната мрежа. Не постои никаква нова давачка. Кога ќе се собере трошокот за мрежарината и со потрошената енергија ќе се добие вкупната цена. Се е исто само сега е издвоено да гледаат потрошувачите колку ги чини струјата и колку ги чини преносот на електрична енергија.
Сега граѓаните може да видат дека евтината струја ги чини 10 евра за мегават-час. Кога ќе се спореди оваа цена со тоа што е на берзата во Унгарија која е референтна берза за нашиот регион, се гледа дека цените за граѓаните се неколкукратно пониски – објасни тој.
На сметките преносот и дистрибуцијата се повисоки од цената на електричната енергија што предизвика сомнежи кај граѓаните дека ЕВН им наплатува повеќе за електрична енергија.
– Единствена причина за зголемувањето на цената на преносот и мрежата е набавката на загуби за електрична енергија. Во 2021 година загубите на слободниот пазар се набавуваа помеѓу 50-60 евра за мегават-час. Со цел да не се предизвика криза, ЕСМ како државна компанија понуди цена од 143 евра за мегават-час за загуби. Доколку ЕВН ги набавуваше овие загуби на слободен пазар како што го прави тоа од 2012 година, цените ќе беа 500 до 800 евра.
Мрежните услуги се природен монопол и се регулирани од Регулаторите секаде низ Европа. Ова кај компаниите кои се излезени на слободен пазар функционира беспрекорно од 2014 година – истакна Бислимовски.