Поранешниот американски државен секретар Мајкл Помпео денеска пристигнува во посета на Бугарија, на покана на претседателот на Конфедерацијата на работодавачи и индустријалци во Бугарија Кирил Домусчиев.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Помпео ќе одржи специјално предавање за геополитичкото значење на Бугарија. Главниот акцент во неговиот говор ќе биде на енергетската безбедност и состојбите на Балканот и во Црногорскиот регион.
Помпео ќе зборува и за важноста на Бугарија во контекст на руската агресија во Украина и можностите што и ги дава на Бугарија да стане центар на енергетската независна политика во регионот и да биде негов лидер.
Амбасадорот Џим О’Брајан, шеф на Канцеларијата за координација на санкции при Стејт департментот на САД, исто така се наоѓа во дводневна посета на Софија.
Тој беше примен од претседателот на Бугарија Румен Радев. Бугарскиот претседател пред високо позиционираниот американски дипломат ја пофали поддршката што граѓанското општество во Бугарија ја доби според законот „Магнитски“ и ја истакна потребата од вистинска политичка волја за реформирање на правосудниот систем.Радев коментира дека бугарското обвинителство е тоа што треба да ги истражи санкционираните за корупција во Бугарија според законот Магнитски.
-Реформата на правосудството во Бугарија ќе создаде квалитативно нова бизнис средина и ќе биде услов за привлекување стратешки инвестиции и ќе ја зајакне државноста, прокоментира Радев.
О’Брајан ќе зборува на средба со Американската стопанска комора во Бугарија, како и со европскиот бизнис во земјата.
Извор: МИА