Во жесток кампањски говор викендов за среднорочните избори во ноември, претседателот Џо Бајден искажа остри критики до опозиционерите. За движењето во Републиканска партија кое го поддржува поранешниот претседател Доналд Трамп рече дека преминало во полуфашизам.
Во говорот во средно училиште во Роквил, Мериленд, претседателот ги повика демократите, независните и умерените републиканци да „се спаси Америка“, а дека приврзаниците на Трамп „сакаат да ја уништат“.
-Тие се закана за нашата демократија. Тие одбиваат да ја прифатат вољата на народот, тие прифаќаат политичко насилство, тие не веруваат во демократија, истакна тој.
Тој нагласи дека треба да се избере дали САД ќе бидат земја што оди напред или се враќа назад.
На донаторски прием пред говорот, Бајден изрази загриженост за американската демократија и укажа дека републиканците кои го подржуваат Трамп се закана.
-Она што сега го гледаме е или почеток на крајот или крај на екстрамната МАГА филозофија (лозунгот „да ја направиме Америка повторно голема“). Не само Трамп, туку целата нивна филозофија, би кажал е како полуфашизам.
Во однос на Кина,руската инвазија на Украина, Бајден истакна дека неговиот претходник ги направил САД послаби на меѓународната сцена.
Во говорот, тој ги истакна успесите на неговата администрација од изминатиот период, како бипартиската акција за контрола на оружјето, инвестициите во инфраструктурата и домашното производство на технологии, до напорите на демократите за справување со климатските промени и зголемување на трошоците за здравствена заштита.
Републиканците, пак, велат дека „инфлацијата на претседателот Бајден ги уништува работничките семејства, а тој сака да подари уште повеќе владини пари на елитите со повисоки плати“.
-Демократите буквално ги користат парите на американските работници за да се обидат да си купат ентузијазам од нивната политичка база“, рече лидерот на републиканците во Сенатот Мич Меконел.
Извор: МИА