Според најновите податоци, мажите имаат дури 70 отсто поголеми шанси да починат од малигнен меланом, најтешкиот облик на рак на кожа, отколку што е тоа случај со жените.
Иако бројот на заболените жени и мажи од рак на кожа е речиси еднаков, истражувањето кое е спроведено во Англија покажува дека на 100.000 мажи кај кои е откриен рак на кожата, умираат 3,4 проценти од нив, додека тоа е случај кај само два отсто од жените.
Тоа значи дека од 6.200 мажи кај кои во текот на годините се развива меланомот, од нив умираат 1.300, во споредба со 900 жени од 6.600 кај кои е дијагностицирана болеста.
Од раните 70-ти години на минатиот век смртноста кај мажите од рак на кожата е зголемена за 185 отсто во однос на 55 проценти, колку што изнесува зголемувањето кај жените, а се предвидува дека смртноста кај мажите и понатаму ќе расте, додека кај жените тој број ќе стагнира.
– Очевидно постојат големи биолошки разлики меѓу мажите и жените кои доведуваат до вакви резултати и моментално се обидуваме со истражување подобро да разбереме зошто машкиот и женскиот организам со меланом зе борат на различен начин и различен успех. Исто така, утврдивме дека ракот на кожата кај мажите и жените се развива на различни места – кај мажите главно на грбот и градите, а кај жените на рацете и нозете, изјави Џулија Њутн-Бишоп, дерматолог од Универзитетот во Лидс.
Големата и неумерена изложеност на УВ-зраците, светлата кожа и големиот број бенки на телото, како и личната и семејната историја на болести, се меѓу најголемите ризици за заболување од рак на кожа.
Истражувањето покажало и уште една многу важна работа, а тоа е редовното користење на солариум пред 35-та година од животот го зголемува ризикот за добивање рак на кожа за дури 60 проценти.