Францускиот претседател Емануел Макрон од денеска до 27 август е во посета на Алжир, а неговата посета има за цел да го обнови партнерството меѓу двете земји по повеќемесечната криза.
Според Елисејската палата, патувањето ќе придонесе за „продлабочување на билатералните односи ориентирани кон иднината во корист на населението на двете земји, зајакнување на француско-алжирската соработка во справувањето со регионалните прашања”
Откако Елисејската палата ја најави посетата на Макрон, десетина организации на алжирската дијаспора во Франција го повикаа францускиот претседател да го спомене влошувањето на човековите права при посетата на Алжир, обвинувајќи ги властите во земјата за таква ситуација.
Покрај билатералните прашања, Макрон со алжирските власти ќе разговара за ситуацијата во Мали и растечкото руско влијание во Африка. Тоа ќе биде втора посета на Макрон на Алжир. Првата посета беше во декември 2017 година на почетокот на првиот претседателски мандат на Макрон.
Извор: МИА