Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти денеска, на одделни средби во Брисел ќе разговараат со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, ден пред новата рунда од дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ.
Столтенберг прво ќе се сретне со Вучиќ, а потоа и со Курти, а по одвоените разговори најавени се прес-конференции за Столтенберг и Вучиќ во 15 часот и 30 минути, а Столтенберг и Курти во 17 часот.
Вучиќ минатата недела изјави дека ќе разговара со Столтенберг поради улогата што НАТО и КФОР ја имаат во Косово, потсетува Бета.
– Тоа ќе бидат понатамошни разговори за воспоставување добра соработка, добра комуникација, што е многу важно во моменти на криза. Се надевам дека ќе имаме добар разговор. Веќе имавме телефонски разговор и се договоривме да седнеме и да разговараме за сите проблеми во Косово, особено на север, рече Вучиќ.
За утре е најавена нова рунда од дијалогот Косово-Србија, а ЕУ соопшти дека ќе се разговара за сите отворени прашања, повторувајќи дека за Брисел „најважно е двете страни да ги прекинат непријателствата, со запаливи пораки и тензии и да постапуваат одговорно“.
Вучиќ во пресрет на дијалогот рече дека е клучно да се донесе одлука за спроведување на договорот за Заедницата на српските општини на Косово.
Курти, пак, вели дека разговорот мора да се фокусира на меѓусебното признавање и рече дека не сака да разговара за спорот околу регистарските таблички и личните карти за Србите во Косово.
Извор: МИА