Македонскиот кошаркарски репрезентативец Војдан Стојановски потпиша нов договор со МЗТ Скопје Аеродром. Тој и во наредните две сезони ќе го носи дресот на актуелниот македонски шампион и учесник во АБА – лигата.
Ова значи дека дека „сино-белите“ од Аеродром во новата сезона ќе бидат исклучително квалитетни во надворешната линија, каде што Војдан ќе биде заедно со својот брат-близнак Дамјан, со репрезентативните колеги Андреј Магдевски, Адем Мекиќ и Дамјан Робев и со американскиот двоец Мајк Кафи и Бре Ајви.
Војдан Стојановски досега трипати беше избран за најдобар кошаркар во Македонија (2009, 2011 и 2015 година), а во својата богата ризница има по две македонски круни и куп-трофеи, пехар од првенството на Украина и триумф во Купот на Германија.
Тој е единаесеттиот кошаркар со кој во моментов располага тренерот Александар Петровиќ, по Дамјан Стојановски, Адем Мекиќ, Бојан Крстевски, Андреј Магдевски, Дамјан Робев, Андреј Андоноски, Американците Бре Ајви, Мајк Кафи и Еван Максвел, како и српскиот интернационалец Страхиња Миќовиќ. Тука се и талентираните Димитар Иванов, Бојан Величковски и Марко Спасовски.