Чешка, која претседава со ЕУ, денеска соопшти дека забраната за издавање визи за сите граѓани на Русија на ниво на Европската унија би можела да биде следна во низата санкции што Унијата ги воведе кон Москва поради руската инвазија на Украина.
Прага тоа ќе го предложи на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ закажан за крајот на месецот во чешкиот главен град.
„Целосно укинување на визите на сите земји-членки на ЕУ за Русите може да биде уште една многу ефикасна санкција“, изјави чешкиот министер за надворешни работи Јан Липавски, кој тоа ќе го предложи на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите на 31 август во Прага.
„Во време на руска агресија што постојано ескалира проади Кремљ, не може да се зборува за туризам за руските граѓани“, рече министерот чија земја престана да издава визи за руските граѓани на 25 февруари, ден по почетокот на руската инвазија на Украина.
Липавски повика на координиран пристап на ниво на ЕУ.
ЕУ досега воведе шест пакети санкции против Русија што вклучуваат мерки против рускиот енергетски и финансиски сектор, како и против поединци блиски до Кремљ, заедно со замрзнување имоти и забрана за нивно патување во ЕУ.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на почетокот на оваа седмица ги повика западните земји да забранат влез за руските државјани, како начин за зголемен притисок врз рускиот претседател Владимир Путин.
Не сите членки на ЕУ ја поддржаа таквата идеја. Повикот го поддржаа од Финска и Естонија, додека германскиот канцелар Олаф Шолц смета дека неселективни санкции значат казнување невини луѓе кои немаат никаква врска со војната што ја покрена рускиот претседател.
Извор: МИА