Египетската полиција го уапсила утрово Сафуат Хегази, истакнат исламист, кој го поддржува соборениот претседател Мохамед Морси, по обвинение за поттикнување бунт и насилство, изјави претставник на силите за безбедност.
Апсењето следува ден откако полицијата го уапси лидерот на Муслиманско братство Мохамед Бадија.
Египетските власти продолжуваат да апсат десетици лидери на Муслиманско братство и исламисти што го поддржуваат Морси, откако армијата го отстрани од власт по уличните протести против власта.
Во меѓувреме, техничката комисија, создадена пред околу еден месец со задача да внесе измени во Уставот на Египет, ја заврши работата и вчера му го предаде нацрт-уставот на времениот претседател Адли Мансур.
Текстот на Уставот денеска треба да биде разгледан од специјална комисија од 50 лица, кои се претставници на различни групи од египетското општество.