Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) ја осудува постапката на службеници од секторот за односи со јавност и од обезбедувањето на „Комунална хигиена – Скопје“ кои денеска сериозно ги прекршиле правата на новинарите Фуркан Салиу и Авни Тахири, преку насилно одземање на нивната опрема и нивно незаконско задржување против нивна волја.
„Според колегите, овој скандалозен настан се случил денеска во просториите на ова јавно претпријатие во Скопје. Во овој инцидент службеничка која се претставила како одговорна за односи со јавност, по претходна вербална расправа со двајцата новинари, на колегата Салиу му го одзела телефонот и одбивала да го врати. Истовремено, тројца членови на обезбедувањето од Дирекцијата на „Комунална хигиена – Скопје“, против волја на двајцата новинари ги задржале во просториите на оваа институција и истите биле ослободени дури откако пристигнале припадници на МВР, кои дошле набргу по претходна пријава од новинарот Тахири“, се вели во соопштението на Здружението на новинари на Македонија.
„Инцидентот претставува тешка повреда на правата на новинарите и попречување во нивната работа како и правото на слободно движење. Колегите Салиу и Тахири уредно закажале средба со претставници за односи со јавност за прилог поврзан со прашања од работните односи во оваа институција и истите имале обврска да одговорат на новинарските прашања, а не да ја одземаат нивната опрема како и незаконски да ги држат против нивната волја во просториите на јавното претпријатие.
Затоа ЗНМ бара од Министерството за внатрешни работи веднаш да го истражи овој случај и да ја извести јавноста за оваа недозволива постапка кон новинарите од страна на службениците на Јавното претпријатие „Комунална хигиена – Скопје“. Освен ова, бараме од страна на ново назначената директорка на оваа институција, Косана Мазнева, итно да ја испита постапката на вработените и да покрене дисциплински мерки во рамки на своите законски надлежности“, се додава во соопштението на ЗНМ.