Црногорското дуо гитари Горан Кривокапиќ и Данијел Церовиќ вчеравечер ја воодушевија публиката на фестивалот „Охридско лето“ со својот маестрален настап во црквата „Света Софија“ .
На фестивалскиот репертоар, двајцата извонредни уметници ја изведоа Шестата англиска свита од Јохан Себастијан Бах транскиптирана за две гитари што ја снимија пред неколку години, а потоа и Свитата Троилеана од Астор Пјацола. Крајот на прекрасната вечер беше резервиран за транскрипција на музиката на Мануел де Фаља.
-Репертоарот не е оригинално напишан за гитара, но тоа е наш репертоар за дуо гитари. Гитарата е специфичен инструмент и музичкиот јазик кој е пишан оригинално за гитара на некој начин е ограничен од техничките можности на инструментот. Кога се занимавате со музика која не е наменета за гитари, се случуваат некои интеракции и важни процеси каде можете да ги спознаете можностите на гитарата кои се безгранични, рече гитаристот Данијел Церовиќ.