Француски научник упати јавно извинување откако твитна фотографија од парче колбас хоризо, тврдејќи дека се работи за далечна ѕвезда снимена од вселенскиот телескоп Џејмс Веб.
Етјен Клајн, прославен физичар и директор на француската Комисија за алтернативна и атомска енергија, сподели фотографија од зачинетиот шпански колбас на Твитер, истакнувајќи ја количината на детали што ги нуди фотографијата.
“Фотографија од Проксима Кентаури, најблиската ѕвезда до Сонцето, која се наоѓа на 4,2 светлосни години од нас. Фотографијата е направена од вселенскиот телескоп Џејмс Веб. Секој ден се открива нов свет”, им порача физичарот на своите следбеници на Твитер.
Илјадници корисници го споделија овој твит и ја коментираа објавата, земајќи го за збор истакнатиот научник. Подоцна признал дека фотографијата всушност била крупен кадар од колбас на црна позадина.
„Па, кога е час за коктел, когнитивната пристрасност има многу за уживање…Бидете свесни за тоа. Според модерната космологија, ниту еден предмет поврзан со шпанскиот деликатес не постои на друго место освен на Земјата“, напиша Клајн.
Телескопот Џејмс Веб е најмоќниот телескоп кој некогаш бил испратен во вселената. Официјално започна со работа на 12 јули, а на нашата планета испраќа слики со огромна резолуција од SSD со капацитет помал од оној на вашиот компјутер.