Хотелот „Геракини Ситониа вилиџ“ на Халкидики, Грција им го прекина одморот на 12 семејства од Македонија поради нерасчистени сметки со агенцијата „ЈК Травел“ преку која го уплатиле осумдневниот аранжман.
Семејствата го уплатиле целиот престој однапред, а на четвртиот ден од одморот на рецепција ги дочекало известување дека во четврток треба да го напуштат хотелот и да си побараат објаснување од нивната агенција во Македонија која ги немала уплатено целосно средствата на хотелот.
Во моментов луѓе со мали деца се пред хотелот се обидуваат да добијат објаснување зошто добиле известување да си заминат.
„А1он“ стапи во контакт со еден од туристите кои во моментов се во хотелот „Геракини Ситониа“.
– Добивме известување утре да го напуштиме хотелот, а имаме платено до недела. Уште првиот ден имавме проблеми, некои од семејствата немаа сместување и сите беа оставени ноќта да се снаоѓаат на улица затоа што агенцијата „ЈК Травел“ нерегуларно работи. ТУка сме 12 семејства, односно околу 50-тина луѓе, меѓу нив и дваесетина деца – истакна Аце Стојковски, еден од туристите измамени од агенцијата.
Тој рече дека некако стапиле во контакт со агенцијата, но оттаму се однесувале како да е се нормално и не знаеле што е проблемот затоа што наводно имале испратено уредна листа со гости во хотелот.