Надлежните служби доставиле до албанскиот Парламент документ во кој стои дека висок домашен политичар И.М. бил соработник на поранешната албанска тајна служба (ШИШ), по што првата парламентарка Линдиа Никола, попладнево под итно одржа средба со координаторите на пратеничките групи.
По средбата со координаторите на пратеничките групи, Никола случајот го нарече шокантен.
Таа пред новинарите кажа дека е подготвена да го свика парламентот на пленарна седница во кое било време кое ќе го побараат политичките сили.
-Случајот е вознемрувачки и Собранието дефинитивно мора да реагира. Затоа денеска ги повикав координаторите на парламентарните групи и претседателите на комисијата за безбедност и законската комисија, кои ги информирав за писмото од Управата, идентитетот на политичарот со иницијали И.М., како и за мојата подготвеност да се состане Собранието во секое време кога политичките сили ќе побараат. Им благодарам на службите што ни доставија ваков документ. Повеќе во овој момент не можам да кажам, рече Никола.
По веста која доби ударен термин во медумите дека всушност станува збор за доскорешниот шеф на државата Илир Мета, тој ги демантираше тврдењата дека е „политичарот со иницијали И.М. кој бил дел од тајните досиеја на поранешната државна безбедност“
-Со ист идентитет Илир Мета има многу лица. Кога студирав на економскиот факултет имаше десетици студенти со ист идентитет. Ова што се прави сега е политичка игра, за да се сврти вниманието од високата корупција и криминал на владата, стои во реакцијата на Мета.
Притоа жестоко ја напаѓа службата задолжена за досиејата, обвинувајќи за фалсификување документи, бидејќи според него, од 1992 година, тој ги поминал сите проверки и неговото минато било чисто.
Засега, додава, не добил никаков документ од надлежната служба за досиејата, ниту од претседателката на Собранието, која „ја изгубила секоја почит“.
Извор: МИА