Кубанскиот парламент усвои промена на законот за семејство со кој се отвораат вратите за истополовите бракови, гарантираат поголеми права за жените и подобра заштита на децата, постарите и другите членови на семејството, објави Ројтерс.
Изменетиот закон за семејство ќе биде ставен на референдум на 25 септември по долгата дебата во заедницата претходно оваа година, каде што иницијаторите на законот рекоа дека 62 отсто од учесниците изразиле поддршка за промените.
Новиот законик за семејно право промовира „љубов, наклонетост, чувствителност, почит кон другите и хармонија во семејствата“, изјави кубанскиот министер за правда Оскар Мануел Силвера.