По долга дискусија, бугарскиот парламент на прво читање го усвои предлог-законот за прифаќање на понудата за авиони Ф-16 блок 70 и поврзано со нив поддршка и дополнување на законот за ратификација на договорите за набавка на ловците, опремата и вооружувањето за нив, јави дописникот на МИА од Софија.
„За“ гласаа 167 пратеници, „против“ 28, а двајца беа воздржани. Рокот за нови предлози меѓу првото и второто читање беше скратен на три дена.
Во причините за предлог-законот за ратификација на измената на понудата, се наведува дека измените опфаќаат: ажурирање на конфигурацијата на воздухопловите и нивната опрема, како и зголемување на бројот на обуки на дополнителен персонал, пилоти и инженерско-технички персонал.
Измената и дополнувањето не ја зголемува вредноста на договорот потпишан во 2019 година и не бара дополнителни плаќања на авансната сума што веќе ја плати Бугарија. Предложената измена не ги намалува или стеснува предвидените можности на вооружениот систем Ф-16 Блок 70, како што е наведено во барањата на бугарската страна при потпишувањето на договорот за испорака на новата серија од осум нови авиони од американско производство.