Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) Иринка Сотирова – Бухова ги повика институциите да го истражат случајот откако дел од медиумите објавија дека со службена картичка точела и бензин и нафта во ист автомобил иако нејзиниот службен автомобил како погонско гориво користел бензин. Сотирова – Бухова, без да коментира дали има или нема вистина во објавените податоци, ги охрабри институциите да утврдат од каде потекнуваат.
„Ги повикувам институциите целосно да ги истражат посочените наводи во медиумите и да утврдат од каде потекнуваат објавените податоци“, кусо изјави Сотирова – Бухова за „А1он“.
За овој случај предмет оформи Државната комисија за спречување на корупцијата од каде веќе испратиле барања за прибирање податоци и информации до Државниот санитарен и здравствен инспекторат.