Шумските пожари во југозападна Франција денеска се проширија на речиси 10.000 хектари во провинцијата Жиронд, додека во петокот беа 7.300 хектари.
Повеќе од 12.200 луѓе се евакуирани од областа до сабота наутро, а повеќе од илјада пожарникари се обидуваат да ги локализираат пожарите, се вели во соопштението на властите на провинциите Нова Аквитанија и Жиронд.
„Со оглед на временските услови и високиот ризик од појава на пожари, властите привремено го оневозможија пристапот до шумските површини за професионални и рекреативни активности“, се вели во соопштението.
Шумски пожари ја погодија Франција, како и други европски земји како Португалија и Шпанија, во последните неколку недели по порастот на температурите. Пожарите околу градот Тест-де-Буч во провинцијата Жиронд се стабилизираа откако изгореа повеќе од 3.000 хектари од почетокот на кризата.
Во блискиот град Ландирас, каде изгореа 6.500 хектари, а евакуирани се 2.200 луѓе, пожарите продолжија да се шират во текот на ноќта, предизвикани од силните ветрови на југозапад.
„Имаме пожар кој ќе продолжи да се шири“, рече Винсет Фериер, заменик-префект на Лангон во регионот Жиронд, за време на денешната прес-конференција.
Извор: МИА