Започнаа консултациите со претседателот на Бугарија, Румен Радев за да се утврди на која парламентарна партија да ѝ биде предаден третиот истражувачки мандат за формирање нова влада, јави дописникот на МИА од Софија.
Прва беше најголемата парламентарна партија „Продолжуваме со промената“, предводена од премиерот во оставка Кирил Петков.
Тие подвлекоа пред претседателот на Бугарија, дека ќе бараат обединување околу националните приоритети со надеж дека ќе го искористат максимумот од последниот мандат.
Радев коментираше дека во услови на глобална криза проблемите се зголемуваат, во услови на недостиг од гас, пред Бугарија е тешка зима. За Бугарија да може да се справи со сите овие предизвици, според бугарскиот претседател, на земјата потребно ѝ е функционално Народно собрание.
-Не ни треба само договор за нова влада, туку ефикасна администрација со стратешки хоризонт, што ќе ги преземе и спроведе неопходните реформи, додаде бугарскиот претседател.
Тој ги праша претставниците на „Продолжуваме со промената“ дали има потенцијал 47-то Народно собрание да донесе нова влада на Бугарија, што ќе се заснова на заеднички вредности и принципи, а не на политичко пазарење.
Тој се заинтересира дали нивната партија може да поддржи влада со мандат на друга партија од Народното собрание, подвлекувајќи дека „Продолжуваме со промената“ е најголемата партија и од нивната поддршка во голема мера дали е формирана нова бугарска влада.
Кирил Петков изјави дека ќе бидат максимално расположени за дијалог и ќе направат сè што е можно за Бугарија да има функционален парламент и функционална влада, она на што не се подготвени, е да не ги дадат сите финансиски средствана мала група луѓе, кои реално го ограбуваат населението на Бугарија.
Петков изјави дека досегашната владејачка коалиција се справува многу добро, бидејќи азербејџанскиот гас започнал да доаѓа кон Бугарија преку интерконекторот со Грција и веќе стига до потрошувачите од стопанството и потсети, дека од вчера нивното индустриско производство во Бугарија, според официјалните податоци, е целосен рекорд во Европската Унија.
Петков призна дека има инфлација во Бугарија, но таа е увезене однадвор поради геополитичката нестабилност. Тој беше категоричен дека политичката криза во Бугарија треба да биде избегната по секоја цена.
-Од вашата одлука зависи кому ќе припадне третиот мандат. Очекуваме со огромно нетрпение да видиме на кого ќе го дадете и доколку е кај нашите сегашни коалициони партнери, отворени сме за разговори и дијалог, додаде копретседателот на „Продолжуваме со промената“ Кирил Петков.
Заедно со него кај бугарскиот претседател Радев, беа и Асен Василев, како и поранешниот претседател на 47-то Народно собрание Никола Минчев и Андреј Ѓуров.
Откако ги прими претставниците на „Продолжуваме со промената“, Румен Радев ги прими и претставниците на ГЕРБ-СДС, Десислава Атанасова подвлече, дека овој парламент го исцрпил својот потенцијал и треба да се оди кон избори.
До крајот на денот претседателот на Бугарија, Румен Радев ќе ги прими и раководствата на останатите парламентарни партии во Бугарија.