„БСП за Бугарија“, „Има таков народ“ и „Демократска Бугарија“ се подготвени да го добијат третиот мандат и да се обидат да формираат нова бугарска влада, јави дописникот на МИА од Софија.
Но, според бугарскиот устав, одлуката е на претседателот на земјата, Румен Радев.
Консултациите со претседателот на Бугарија претстојат во петок, пред врачувањето на третиот мандат.
Претседателот на пратеничката група на најголемата партија „Продолжуваме со промената“ Андреј Ѓуров објасни дека ќе поддржат разговори за програмата што ја одобрија нивните коалициски партнери „БСП за Бугарија“ и „Демократска Бугарија“.
Според Ѓуров, доколку мандатот оди кај партијата на Слави Трифонов „Има таков народ“, тие нема да разговараат со оваа партија и нејзиното раководство, бидејќи „тие беа тие што ја уништија постоечката владејачка коалиција во Бугарија“.
Станислав Балабанов коментираше дека доколку претседателот на Бугарија го додели третиот мандат на „Има таков народ“, максимално одговорно ќе пристапат кон оваа ситуација. Балабанов најави дека ќе има разговори со „Продолжуваме со промената“, но без нивните лидери Кирил Петков и Асен Василев. Балабанов истакна дека социолошките истражувања во Бугарија покажуваат дека општеството не сака нови парламентарни избори и народот сака решение на економските проблеми со кои се соочува земјата.
– Доколку следниот мандат го добие „БСП за Бугарија“, ќе се направат сите напори да имаме редовна влада, вели Борислав Гуцанов. Тој нагласи дека е поразумно да се обиде да формира нова влада. Притоа потсети на одлуката на раководството на БСП да не преговара со Движењето за права и слободи, како и со „Преродба“, бидејќи речиси 70 отсто од нивните гласови во Народното собрание се преклопуваат со гласовите на ГЕРБ и ДПС. Гуцанов прецизираше дека доколку го добијат третиот мандат ќе ги поканат на разговор нивните досегашни партнери од владејачката коалиција, но земајќи ги предвид грешките направени во шесте месеци од нивното владеење.
Претседателот на пратеничката група на „Демократска Бугарија“, Христо Иванов, рече дека доколку им се додели мандатот, ДБ ќе има обврска да предложи формула за формирање влада.Тој смета дека создавањето нова влада во Бугарија ќе биде тешко, но не е невозможно. Иванов рече дека не смета дека по секоја цена треба да има нова влада, туку дека треба да се обидат. Таквата влада би имала смисла само доколку продолжи трендот на промени и реформи, ако повторно е влада на промени.
Според Иванов, логично е премиерот да биде од „Продолжуваме со промената“, бидејќи тие обезбедуваат најмногу гласови во Народното собрание.
Опозицијата од ГЕРБ-СДС, ДПС и екстремните националисти „Преродба“ се изјасни за предвремени парламентарни избори во Бугарија, затоа што овој парламент веќе не постои.