Фудбалскиот клуб Барселона на своите официјални страници на социјалните мрежи го потврди трансферот на 25-годишниот Бразилец, Рафаел Диас Белоли, во светот на фудбалот познат како Рафиња.
Рафиња игра на позициите десно крило и центарфор, а доаѓа од Лидс на кој му се приклучи во 2020 година од Рен. Претходно во кариерата настапуваше и за Спортинг и Виторија Гимараеш. Кариерата ја започна во Бразил, во екипата на Аваи.
Фил Хеј, новинар на „Атлетик“ кој го следи Лидс, објави на „Твитер“, дека Барселона ќе плати 58 милиони евра плус осум милиони бонуси за Рафиња. Интерес за бразилскиот репрезентативец покажаа Челзи, Арсенал и Тотенхем, а Челзи беше многу блиску до комплетирање на трансферот.
Сепак, Рафиња ја избра Барселона, која по Франк Кеси и Андреас Кристенсен ќе го има третиот трансфер во овој преоден рок.
Рафиња во две сезони во Премиер лигата, одигра 65 натпревари, постигна 17 и асистираше за 12 гола.
Бразилецот со Барселона ќе потпише договор до 2027 година.
Извор: Топспорт