По препорака на Европскиот центар за спречување и контрола на болести и Европската агенција за лекови, Европската Комисија денеска повика ранливите лица и лицата над 60-годишна возраст да примат втор бустер вакцина, јави дописничката на МИА од Брисел.
Како што растат случаите на новозаразени со Ковид-19 и во пресрет на есента и зимата, здравствените тела на ЕУ порачуваат дека е време за четврта доза мРНА вакцина, посебно за лицата над 60 годишна возраст и лицата со послабо здравје.
Еврокомесарката за здравство, Стела Кириакидес, целосно ја поддржува оваа препорака на здравствените тела.
-Нашите вакцини против Ковид-19 функционираат и нудат добар степен на заштита против тешките форми и хоспитализацијата, изјави Кириакидес.
Таа потсети дека бројот на случаи на заразени и на хоспитализирани расте во Европа.
-Ги повикувам сите да се вакцинираат и да примат бустер што побрзо, нема време за губење. Ги повикувам државите веднаш да обезбедат бустери за сите лица над 60 години и сите ранливи лица, додаде еврокомесарката.
И покрај појавата на нов сој на вирусот во некои земји, Европската Комисија вели дека одобрените вакцини и натаму даваат добар степен на заштита против тешките форми на Ковид-19.
Извор: МИА