Во текот на денешниот ден, најдоцна утре на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР) ќе биде прикачен еден прилично значаен законски текст, односно драфт верзија на Кривичниот законик, истакна на прес конференција министерот за правда Никола Тупанчевски.
Тој појасни оти станува збор за еден од позначајните законски текстови и акти.
– Решивме концепциски тоа да биде на линија или согласно стратегијата за реформа на правосудниот сектор, да не се оди сегментарно во измените на Кривичниот законик, туку напротив, да се донесе комплетно нов Кривичен законик, кој ќе ги опфати сите сегменти на општественото живеење во државата – рече Тупанчевски.
Покрај претставници од Министерството за правда, во рамки на групата со околу 40 членови учествувале и претставници од акамедската заедница, професори, претставници од невладиниот сектор, претставници од Јавното обвинителство, судството, МВР и сите засегнати страни кои можат да дадат придонес во однос на подготовката на новиот Кривичен законик.