Скотланд Јард има примено „нови информации„ за смртта на поранешната принцеза Дијана,која загина во Париз, во 1997 година, заедно со својот тогашен партнер Доди ал Фаед“.
Во соопштението на полицијата се вели дека новите информации не значат повторно навраќање на истрагата што е заклучена пред неколку години, но дека новите сознанија ќе бидат разгледани од детективите и од полициските експерти.
Во судското сослушување во Лондон, оддржано во 2008 година, се заклучи дека Дијана и Ал Фаед загинале делумно и поради „големото невнимание“ на нивниот возач Анри Пол, кој, исто така, загина во несреќата. Во истрагата две години пред тоа, како и во официјалните истраги на француската и британската полиција не беа најдени никакви докази за постоење на заговор.
Таткото на Доди, египетскиот богаташ Мохамед ал Фаед, тврдеше дека Дијана и неговиот син се „убиени во заговор на кралското семејство и британските тајни служби“ за да се спречи бракот на мајката на идниот британски крал со еден муслиман.
Несреќата се случи на 31 август 1997 година, во парискиот тунел Понт де Алма, кога мерцедесот во кој беа Дијана и Ал Фаед, со голема брзина удри во еден од столбовите во тунелот.
Дијана, која тогаш имаше 36 години, и Доди (42) се возеа од хотелот „Риц“ до домот на Египѓанецот, прогонувани од повеќемина „папараци“ во автомобили и на моторцикли.
Кралското семејство соопшти дека нема да има реакција од синовите на Дијана, принцовите Вилијам и Хари, како и од Кларенс Хауз, службената резиденција на престолонаследникот Чарлс, поранешниот сопруг на загинатата принцеза. Претставник на Мохамед ал Фаед, кој повеќе не живее во Велика Британија, најави дека нема да има никакви коментари на соопштенето на Скотланд Јард.
Лондонските таблоиди, меѓутоа, тврдат дека во случајот е вмешана војската, затоа што новите информации се добиени од „еден армиски извор“.