Телата на уште 50 жртви на злосторството извршено врз Бошњаците во Сребреница во јули 1995 година ќе бидат погребани следната недела, во рамки на комеморацијата организирана по повод 27-годишнината од падот на Сребреница.
Централната комеморација и погребот на идентификуваните тела пронајдени изминатите години во една од многуте масовни гробници ќе се одржи на 11 јули, кога силите на босанските Срби предводени од генералот Ратко Младиќ ја зазедоа Сребреница, по што следуваа масовни ликвидации на заробениците.
Се проценува дека во деновите по падот на Сребреница биле ликвидирани повеќе од осум илјади бошњачки мажи и момчиња, за што Младиќ беше осуден на доживотен затвор, исто како и политичкиот лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ.
„Досега е идентификувано и закопано 6.671 лице, не вклучувајќи ги овие 50. Ковчезите се готови и на секој има плочка направена од траен, неуништлив материјал со информации за идентификацијата“, изјави за весникот „Дневни аваз“ Сабина Растодер, портпаролка на Градските гробишта во Високо.
Најстарата жртва чии посмртни останки ќе бидат погребани следната недела во комплексот на Меморијалниот центар во Поточари е Хусејин Крџиќ, роден 1936 година, а меѓу жртвите има и три малолетни лица.
Во костурницата во Тузла се чуваат остатоци од тела на 92 идентификувани жртви од Сребреница, но членовите на нивните семејства се уште не дале согласност за погреб. Се надеваат дека ќе бидат пронајдени и други делови од телата на убиените.
Имаше случаи да биде погребана само една коска од жртва во злосторствата, бидејќи не можело да се откријат останатите делови од телото. Тоа е последица на ископувањето на примарните гробници спроведено по наредба на властите на босанските Срби, кои се обидоа да ги прикријат тграгите од извршените злосторства.
Извор: МИА