Либанските власти уапсиле три лица за минатонеделното грабнување на двајцата пилоти на авиокомпанијата „Туркиш ерлајнс“, пренесоа американските медиуми, повикувајќи се на либанската Национална агенција.
Агенцијата вчера соопшти дека либанските сили за безбедност ги предале тројцата осомничени на суд. Медиумот, меѓутоа, не прецизира кога и каде тие биле приведени.
Минатата недела вооружени лица ги грабнаа двајцата турски пилоти на пат, во близина на бејрутскиот меѓународен аеродром.
Анкара веднаш издаде предупредување, повикувајќи ги своите граѓани да ги избегнуваат непотребните патувања до Либан, а оние кои веќе се таму да ја напуштат земјата.
Грабнувањето се чини дека е поврзано со сириската граѓанска војна, забележуваат американските медиуми.
Досега непозната група ја презеде одговорноста за грабнувањето и судбината на грабнатите Турци ја поврза со оние на либанските шиити, кои со години се држани од сириските бунтовници.